fbpx

Која е најдобрата дисциплина

0 Comments

Како да најдеш која е најдобрата дисциплина за тебе

Дали некогаш си размислувал/а која е најдобрата дисциплина или тип на вежбање што ќе ти гарантира резултати? Или можеби нешто што ќе ти го задржи континуитетот и нема да се откажеш пребрзо? Епа пред да одиме подлабоко во неколку точки кои ќе ти помогнат да го препознаеш ова запамети дека не постои најдобра дисциплина туку постои само најдобра дисциплина за тебе.

Многу е едноставно. Ако уживаш во нешто, во нашиов случај одреден тип на вежбање, тогаш шансите дека ќе го правиш подолг период се големи. На пример ако не сакаш трчање, не го додавај во твојата фитнес рутина. Животот ни е секако полн со работи кои не ги сакаме, но мораме да ги правиме. Затоа барем вежбањето што треба да биде “време за мене” нека биде нешто во што навистина ќе уживаш.

Има многу луѓе што членуваат во одреден фитнес центар или било какво студио кое не им се допаѓа. Почнале да одат само поради тоа што “за здравје е добро”. Така нема да се вложуваат ниту 50% во тренингот и контуниутетот на одење, а со тоа нема да добиваат некои резултати. Супер рецепт за откажување после 1–2 месеци.

Дали мразиш било какво вежбање?

Ако можеби се чувствуваш дека било која активност ти е кошмар и зборот вежбање е нешто што последно сакаш да го слушнеш, тогаш помини низ овие прашања и пробај да ја најдеш твојата омилена активност.

Во што си добар?

Самодоверба и добра емоција за тоа што го правиш е клуч за добри резултати. Затоа размисли кои се твои добри вештини. Можеби си добар пливач или па уживаш во танцување. Кога си добар во нешто и природно го имаш во себе, постојат големи шанси дека ќе продолжиш да се враќаш и да се подобруваш. Од друга страна кога го правиш нештото со страст и уживање ги заразуваш луѓето околу себе. Со тоа ги зголемуваш шансите да ти се приклучи уште некој близок што ќе го направи искуството уште подобро.

Во што уживаше како дете и тинејџер?

Ако не си бил активен со години и ако те згазил стрес, брзиот живот и трката за кариера семејство и слично, постои голема веројатност да си заборавил на себе, на своето здравје и добресостојба.

Добра точка од каде можеш да почнеш е да размислиш каква физичка активност доброволно ја избираше кога беше во основно или средно школо. Дали можеби играше пинг понг или се приклучуваше во баскет, фудбал или ракомет. Или што беше нешто во кое те броеја на маало? Па не мора вежбањето да биде во фитнес клуб или некоја група. Едноставно земи топка и прави го тоа што си го правел во основно и средно. Или повикај другар и одете седмично на пинг понг или партија аматерски тенис. Постои начин!

Кои се твоите цели?

Целта зошто правиш нешто е многу важна! Не оди на вежбање затоа што некој ти се “качил на глава”. Оди затоа што ти сакаш нешто да постигнеш. И остави ги целите на другите луѓе, остави ги нивните желби, амбиции, фитнес муабети и стомачни. Ти биди ти!

Можеби сакаш да истрчаш 5к. Можеби сакаш да стигнеш до 100 склекови и 100 стомачни дневно па ќе си вежбаш сам дома. Можеби сакаш да стигнеш до одредена тежина со која ќе можеш да ракуваш без проблем. Независно дали целта ќе ти биде со одредена бројка и датум или ќе ти биде процесно ориентирана, важно е да ја имаш. Најди ја, можеш!

Колку време можеш да посветиш?

Прашањето на обврзување е злато. Понекогаш ќе дојдеш во ситуација каде што ќе си речеш “почнувам” или “доста е”. Воедно нема да бидеш реален со моменталната ситуација или во превод нивото на твојата спремност и времето што го имаш за да се впуштиш во вежбање. Кога си на почеток во нешто, дури и самото размислување за нештото одзема време :). На пример ќе размислуваш “кога денес да отидам на вежбање” и ќе бидеш под стрес во кој дел од денот да го вклопиш. Потоа спремањето за вежбање и патот ќе ти одземат време, самото вежбање ќе ти одземе време, а потоа и време ќе ти одземе потребата да одмориш затоа што си почетник. Најдобар рецепт за да се откажеш!

Не си задавај преголем залак на почеток доколку не можеш да го проголташ. Почни со домашни вежби или почни со 20 минути трчање или па пешачење. Ако сметаш дека е подобро, тогаш уплати чланарина и обврзи се дека ќе одиш, но не оди “all in”. Адаптирај се, а понатаму како ќе зајакнуваш, ќе добиваш самодоверба и ќе почне да ти станува дел од секојдневието.

И за крај. Биди упорен во потрагата по твојата дисциплина. Секој од нас има омилен филм, омилена книга, омилено друштво, омилена храна, омилено место за прошетка. Имаш и омилен тип на вежбање. Гарантирано! Само треба да пробуваш и ќе го најдеш!

Categories:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *